|
Моделарски собир - СТЕНКОВЕЦ 2012 |
|
Отворен собир на љубителите на моделарството и авијацијата ќе се одржи на Аеродромот Стенковец. Во сабота (5-ти мај) со почеток во 10 часот своите најдобри модели- авиони ќе ги летаат моделарите од разни клубови од Македонија. Поканата важи и за моделарите да си ги донесат своите летала и да учествуваат и за симпатизерите кои ќе уживаат во овој моделарски собир.
На овој собир ќе бидат претставени радио-контролирани модели, самолетачки модели и изложба на макети на авиони. Симпатизерите ќе имаат можност да летаат со радио-контролиран модел под водство на искусен инструктор. |
|
|
Аероклубот Скопје е здружение на вљубеници во воздухопловните спортови. Желбата за летање е она што ги поврзува сите членови во здружението, а љубовта кон спортот она што придонесува кон пријатно дружење на спортскиот аеродром Стенковец.
Целите на аероклубот се популаризација и унапредување на воздухопловните спортови, спроведување обуки и организација на домашни и меѓународни натпревари и други спортски и културни манифестации.
Во клубот се активни три секции, моделарска, падобранска и летачка. Секоја секција има своја програма за работа и активности кои ги реализира.
Аероклубот Скопје е формиран далечната 1923 година. Од тогаш па до денес е сврталиште на вљубеници во летањето, скокањето и моделарството, како и во други воздушните спортови. Низ него поминале многу пилоти, падобранци и воопшто спортисти кои дале голем придонес во Македонското воздухопловство и во промовирањето на Македонија во светот.
Многу членови на аероклубот Скопје учествувале во репрезентациите за воздухопловни спортови и се натпреварувале во различни дисциплини на меѓународни натпревари.
Аероклубот членува во Воздухопловната федерација на Македонија и преку неа во Интернационалната аеронаутичка федерација FAI (Fédération Aéronautique Internationale). |
|
|
Thursday, 26 April 2012 00:00 |
|
Почитувани членови,
Аероклубот Скопје врши ревидирање на регистарот на членови на клубот. За таа цел се повикуваат сите членови кои не ја платиле членарината за тековнава и за минатата година да го сторат тоа до 12 мај 2012.
Согласно член 14 и член 15 од Статутот, со плаќањето на членарината, секое лице се здобива со одредени права и обврски во рамките на Здружението.
Спротивно на ова, во член 16 од истоимениот Статут е регулирано дека Статус на член може да се изгуби со истапување, неплаќање на членарина и исклучување. Уште понатаму, членот кој не ја измирил членарината во Аероклубот повеќе од 1 година автоматски престанува да биде член.
|
|
|